Комити: Срамота е Вардар да нема каде да тренира!

Вардар и десеткуван, и речиси без зимски подготовки, успеа да одигра 2-2 на дербито против Пелистер. Тоа е голем поттик за младите фудбалери и за новиот шеф на стручниот штаб Никола Илиевски Џиџи да продолжат да работат напорно и да се борат за секој бод во првенствените битки. 

Но, вардарци, за жал, нема каде да тренираат. Се соочуваат со опструкции за тренинзите на објектите на комплексот во Хиподром и на Академијата, со оглед дека тие правно и не му припаѓаат на Вардар. 

Реагира повторно навивачката група Комити која е единствената која застанува на браникот на најтрофејниот македонски фудбалски клуб.    
  
Дали и после ваквата разврска на работите во ФК Вардар, надлежните ќе имаат широко затворени очи?

Дали и после резултатот рамен на подвиг, во ситуација кога е остварен со само неколку тренинзи, без вистински подготовки, без контролни натпревари, со скрпен тим составен од дебитанти, кои преземаа одговорност да го ја носат на својот грб тежината која ја има титанот од Скопје, ќе бидете неми и глуви на се што се случува?

Нели е доволна веста дека Градскиот стадион е распродаден, на домашен првенствен натпревар, за да направите барем еден мал чекор во интерес на Вардар?

Нели е срамота вака да биде понижуван клубот, и да бара место каде да тренира додека притоа има своја база и тренинг камп, па и Академија?

Дали има смисла овој деспотски и душмански однос кон она што е светост за нас, за Скопје и клуб со кој се идентификуваат сите Македонци, каде и да се?

Кој ви дозволи да ги ставате вашите лични интереси пред интересите на клубот?

Со кој памет го користите Вардар како оружје во некои други битки, кои немаат допирна точка со клубот?
Бевме трпеливи во интерес на Вардар...

Се подредивме на една возвишена и искрена цел позади која се препозна цел еден народ Македонски.

Ние имаме должност кон тој народ, кој се сплоти позади нашиот бајрак, да го спремиме финалето, и да реализираме јавно тоа што го ветивме.

Јавно даваме налог до ФК Вардар да се спремат плати на фудбалерите, кон Пасворд Продакшн (МК Тикетс) да ја спремат сумата на уплатата потребна откако ќе се добијат налозите за февруари и март, и кон УЈП да најде модус да се реализираат средствата за актуелниот играчки состав по МПИН-овите.

Ве повикуваме вас искрени вардарци и народе македонски, да бидете будни и се повеќе активно да се вклучувате во битката која е заедничка, а во рововите засега се само мал дел од армијата црвено црна.

Ние сме последна линија на одбрана не само за нашиот Вардар, туку и многу повеќе од тоа. Застанете со нас, заедно можеме и да поместиме планини ! Но и кога сме заедно, никаква сила не може да ја помести нашата планина, составена од искрена љубов и чисти идеали.


 
G-G32VEZ5NYJ