Филип Најдовски позитивен на Ковид-19 и веднаш изолиран од репрезентацијата

Фудбалерот на Тирана, Филип Најдовски, го напушти репрезентативниот мини - камп во хотелот „Хилтон“ откако имаше позитивен тест на Ковид-19. Тој веднаш замина во изолација и не беше во контакт со останатите фудбалери во текот на престојот. Најдовски беше сам во соба, каква што секогаш е процедурата во националниот тим, се додека не пристигнат извештаите од тестовите за Ковид-19. 

„Еден од повиканите фудбалери на тренинг кампот е позитивен на тестирањето за Ковид – 19. Мерките за заштита беа испочитувани, т.е. веднаш по теститањето сите од тимот беа во изолација додека не стигнаа резултатите. Сите други (фудбалери, стручен штаб и логистика) имаат негативни тестови“ – информираат од ФФМ.

Репрезентативниот мини - камп треба да му послужи на селекторот за да добие вистинска претстава и за фудбалерите од домашното првенство и неколкумина интернационалци кои досега немале шанса да се наметнат во националниот тим.

Репрезентацијата в среда, со почеток во 14 часот, ќе одигра пријателски натпревар со прволигашот Работнички на комплексот на ФФМ. 

 
G-G32VEZ5NYJ