Раководството на ФФМ на состанок со првите луѓе на Турската фудбалска федерација

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини и генералниот секретар, Филип Поповски во „Куќа на фудбалот“ одржаа работен состанок со високите гости од Турција, претседателот на Турската фудбалска Федерација, Нихат Оздемир и потпретседателот на Турската фудбалска Федерација и член на Извршниот комитет на УЕФА, Сервет Јардинџи.

Состанокот со гостите од Турција е продолжување на конструктивната соработка меѓу двете пријателски федерации. На средбата со раководството на Фудбалската федерација на Македонија почитуваните гости беа запознаени со активностите на нашата федерација и можностите за идна соработка.



„Турската фудбалска Федерација е една од најголемите во Европа. За разлика од нив, ние сме мала федерација, но сме земја која се стреми кон големи работи и делиме подеднаква страст за фудбалот. Благодарност до нашите колеги од Турција за поддршката која ни ја даваат, во сите нивни одлуки се чувствува љубовта кон фудбалот и почитта кон сите нации, независно од нивната големина или финансиски удел. За нас е исклучително значајно да имаме партнер во Турската фудбалска Федерација и верувам дека нашата идна соработка ќе биде на многу повисоко ниво со конкретни проекти. Им се заблагодарувам на гостодинот Оздерим и господинот Јардинџи за нивната посета и се радувам на продолжувањето и негувањето на нашите добри односи“, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини за официјалниот сајт на федерацијата.



Претседателот на Турската фудбалска Федерација, Нихат Оздемир и неговиот заменик и член на Извршниот комитет на УЕФА, Сервет Јардинџи посакаа успешна и плодна работа на претстојното Редовно изборно собрание на ФФМ и секако, успех за македонската репрезентација на Европското првенство. 

 
G-G32VEZ5NYJ