Брегалница ги почна подготовките за влез во елитата

Лидерот на табелата во Втората лига Исток, тимот на Брегалница, кој има мисија за пласман во елитата, денеска ги стартуваше зимските подготовки. Шефот на стручниот штаб, Марјан Секуловски, ја изврши првата прозивка и означи официјален старт на подготовките на штипскиот второлигаш.

Во однос на есенскиот дел од шампионатот, прекинат е единствено договорот со Сашо Шоповски, додека сите останатите фудбалери се на располагање на стручниот штаб.

Утврден е планот и за подготовките на тимот се до стартот на вториот дел од шампионатот закажан за 27. февруари. Првата фаза од подготовките фудбалерите на Брегалница ќе ја одработат во Штип, а од 3. до 14. февруари ќе бидат финалните подготовки во Дојран.

Веќе се договорени шест пријателски средби. Се почнува на 23. јануари со дуелот против Кит Го, потоа на 30. јануари е пресметката со Осогово, на 3. февруари дуелот со Борец, на 6. февруари против Беласица, за 13. февруари пресметката со Кожуф, а генералката ќе биде на 20. февруари против лидерот во Втората лига - Запад, екипата на Скопје.

Првиот натпревар од пролетната сезона во Втората лига - Исток, Брегалница го игра на 27. февруари против прилепска Победа на домашен терен.

 
G-G32VEZ5NYJ