Брегалница почнува со подготовки на 9 јануари, закажани шест пријателски натпревари

Лидерот на табелата во Втората лига исток, тимот на Брегалница, в сабота (9. јануари) ќе ги почне зимските подготовки. Шефот на стручниот штаб Марјан Секуловски ќе ја изврши првата прозивка и ќе го означи стартот на подготовките на штипските „сини“ за пролетниот дел од сезоната.

Веќе утврден е планот за подготовките на тимот до стартот на вториот дел од шампионатот закажан за 27. февруари. Првата фаза Брегалница ќе ја одработи во Штип, а од 3. до 14. февруари ќе бидат финалните подготовки во Дојран.

Договорени се шест пријателски натпревари. Првиот тест е на 23. јануари против Кит Го, а потоа на 30. јануари е закажана пресметка со Осогово. На 3. февруари тимот на Брегалница ќе спарингува со Борец, на 6. февруари против Беласица, на 13. февруари ќе има тест против Кожуф, а генералката ќе биде на 20. февруари против лидерот во Втората лига - Запад, екипата на Скопје.

Првиот натпревар од пролетната сезона во Втората лига - Исток, Брегалница ќе го игра на 27. февруари против Победа Прилеп на домашен терен.

 
G-G32VEZ5NYJ