Ексклузивно: Најдобрите 11 на Горан Пандев со кои играл во дресот на Македонија

Пишува: Никола Ѓуровски

Најдобриот фудбалер на Македонија на сите времиња, Горан Пандев, ексклузивно за МАКФУДБАЛ, го откри најдобриот тим (најдобрите 11 фудбалери) со кој настапува(л) во дресот на репрезентацијата. Како дел од новогодишното интервју, а по повод изборот на МАКФУДБАЛ да го прогласи Горан Пандев за спортски ХЕРОЈ НА ГОДИНАТА, Пандев се согласи да направи „The Best 11“ од Македонија, иако потенцираше дека сепак е тоа неблагодарна работа. 



„Многу години поминав настапувајќи во националниот тим, речиси две децении. Неблагодарно е да се спојуваат фудбалери од различни генерации, ама ќе се обидам. На голот, покојниот Петар Милошевски добива предност пред Столе Димитриевски. Беше одличен голман. На десната бековска позиција е Стефан Ристовски. Стоперскиот тандем е Гоце Седлоски и Николче Новески, а на лев бек - Горан Попов. 

Во средниот ред, тројца фудбалери од сегашната генерација, Аријан Адеми, Енис Барди и Елиф Елмас. Сите се фантастични, и како борци, но и извонредно технички и тактички потковани. Во нападот, ќе ми прават друштво двајца крилни играчи, Ацо Стојков и Артим Шаќири. Тоа се првите 11. Но, би сакал да додадеме и резерви кои по квалитет не се ништо полоши од овие во ’првиот тим’. Голман Столе Димитриевски. Во одбрана, Игор Митревски, Александар Васоски, во средниот ред Езгјан Алиоски, Робверт Попов, Величе Шумуликоски, Александар Митревски, во нападот Ѓорѓи Христов, Илија Несторовски... Морам да напоменам дека не сум бил дел од првата генерација репрезентативци, Дарко Панчев, Вујадин Станојковиќ, Бошко и Милко Ѓуровски, Драган Канатларовски, Митко Стојковски...“,
вели ексклузивно за МАКФУДБАЛ, Горан Пандев. 

@МАКФУДБАЛ. Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини  од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
               
G-G32VEZ5NYJ