МАКФУДБАЛ-ТРЕНЕР НА ЕСЕНТА: Жикица Тасевски - Во Ѓорче повторно се врти шампионски муабет

Десет победи во 18 кола, тим кој плени со својата офанзивна игра, борбен дух и победнички менталитет. Можеби никој не веруваше, но Жикица Тасевски ја претвори Македонија Ѓорче Петров во сериозен состав кој има и шампионски амбиции. По подолг период, откако ќе погледнеш како играат „лавовите“, се некако на оние шампионски денови во Ѓорче Петров. Ако ништо друго, секако се вртат шампионски муабети...Најзаслужен за тоа, секако покрај раководството на клубот кое знаеше кого да ангажира, е шефот на стручниот штаб Жикица Тасевски.

Во неколку месеци, неколкукратно го подигна нивото на играта на Македонија ЃП. Тимот освои 33 бода, идентично колку и второпласираниот Шкупи, има само шест бода негатива во однос на лидерот Шкендија. А мора да се согласиме сите, инвестициите во триото при врвот не се исти. Токму затоа, Жикица Тасевски апсолутно го заслужи изборот на МАКФУДБАЛ за најдобар тренер во есенскиот дел од првенството во Првата лига

„Благодарност за признанието, морам веднаш да нагласам дека го делам со соработниците од стручниот штаб, фудбалерите и со раководството на Македонија ЃП. Драго ми е што во Ѓорче се создаде една убава фудбалска приказна, еден спој на младост, талентирани фудбалери, но и квалитет и искуство, предводени од капитенот Боби Божиновски. Сето ова придонесе за успешни резултати и мораме да бидеме задоволни со оствареното во есенскиот дел од шампионатот. Да не заборавиме, горди сме и на репрезентативецот Томе Китановски кој со добрите игри свои, но и на целиот тим, се наметна за А - репрезентацијата“, вели за МАКФУДБАЛ, тренерот на есента, Жикица Тасевски.

Во 2021 година, „лавовите“ ќе се обидат по истиот терк, можеби да се вмешаат и директно за шампионскиот трофеј. 

„Целта е Македонија ЃП да победува од натпревар во натпревар, да одржиме континуитет, да ја надградиме играта и зошто да не, ако се укаже шанса да се вмешаме во шампионската трка, нема да јс испуштиме. Но, не сме опседнати со тоа, туку со напорна работа и со амбициозен план за следната 2021 година. Македонија Ѓорче Петров ќе продолжи да работи напорно, темелно и со конкретен план, а награда за тоа посакуваме да биде излез на европската сцена“, порачува Жикица Тасевски, посакувајќи им убави празнични денови на читателите на МАКФУДБАЛ

        
G-G32VEZ5NYJ