МАКФУДБАЛ - ТИМ НА ЕСЕНТА !

Шкендија е на врвот, шест чекори пред Шкупи и пред Македонија ЃП. Вардар виси пред бездната финансиски и организациски, но Александар Васоски го остави со солидно бодовно салдо и на „мирната“ шеста позиција на табелата. 

Струга Трим Лум е пријатно изненадување, Работнички и Ренова можеа подобро, а посебно Академија Пандев. Беласица имаше очаен старт и потоа не успеа да фати приклучок.   
  
МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим за есенската полусезона во Првата фудбалска лига. Го предводи тренерот на Македонија ЃП, Жикица Тасевски, со оглед на импресивните резултати што ги имаа „лавовите“ во првиот дел од сезоната.


1. КОСТАДИН ЗАХОВ (ШКЕНДИЈА) 
Беше последна пречка пред голот на Шкендија, успеа неколкупати да го спаси тимот во клучни моменти, а одбраната на лидерот има примено најмалку голови во есенскиот дел од шампионатот.

2. ТОМЕ КИТАНОВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Одличен во дресот на Македонија ЃП, офанзивен по десната странична позиција, неговите настапи ги забележа и селекторот Игор Ангеловски и доби репрезентативен повик.

3. ЕГЗОН БЕЈТУЛАИ (ШКЕНДИЈА)
Столб во одбраната на Шкендија, цврст и бескомпромисен во дуелите, но и со големо учество во градењето на играта на составот на Ернест Ѓока.

4. КЛИСМАН ЦАКЕ (СТРУГА ТРИМ ЛУМ)
Модерен стопер, робусен во дуелите во воздухот, но и поткован технички за да учествува во играта на тимот. Покажа дека има разорен шут и постигна неколку прекрасни голови од далечина.

5. ЕНУР ТОТРЕ (ШКЕНДИЈА)
Тој е креаторот на играта на лидерот Шкендија, полека го надрасна и искусниот Арменд Алими, сега без него речиси и да не може да се замисли средниот ред на тетовскиот тим. Дели асистенции, разигрува, постигнува и голови.

6. БОБИ БОЖИНОВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Вистински пример за професионален спортист кој им пркоси на годините и оваа сезона е апсолутно фантастичен. Борбен, со изразени лидерски способности, искусен и квалитетен, а одличната креација ја надополни и со ефикасност пред противничкиот гол.

7. ЛУКА СТАНКОВСКИ (РАБОТНИЧКИ)
Блесна со целиот свој потенцијал во првиот дел од сезоната. 18-годишното момче доби шанса да покаже што знае во дресот на Работнички и ги освои скаутите на големите европски клубови. Одличен преглед на игра, неуморен на физички план, долг чекор, одлична завршница. Нов европски калибар од составот на „романтичарите“ по Елиф Елмас.

8. МАТЕЈ ЦВЕТАНОСКИ (ВАРДАР)
Одличен дриблер, играч кој прави разлика, ја тероризира одбраната, умее да постигне погодок кога е најпотребно. 

9. ЉУПЧО ДОРИЕВ (ШКЕНДИЈА)
Брзо се наметна како играч кој решава натпревари и во Шкендија. Одлично се надополнува со искусниот Бесарт Ибраими, но и со младиот суперталент Дашмир Елези.

10. ДЕМБО ДАРБО (ШКУПИ)
Најдобар стрелец по првиот дел од сезоната. Брз, робусен, незадржлив, секогаш подготвен да ја затресе мрежата. На свои плеќи го изнесе товарот на Шкупи во навалната линија и најзаслужен што тимот од Чаир е во трка за шампионската титула.

11. БЕСАРТ ИБРАИМИ (ШКЕНДИЈА)
Тој е најдобриот стрелец, противниците имаат неверојатен респект, затоа што речиси секоја можност умее да ја претвори во погодок. Оваа есен можеби и не беше негова најдобра во кариерата, но тој е екстремно важен за составот на Шкендија. 

ТРЕНЕР НА ЕСЕНТА: ЖИКИЦА ТАСЕВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Дојде во Ѓорче Петров и создаде победнички тим. Хемија меѓу играчите, препознатлива борбеност и победнички дух. „Лавовите“ гризат дома, но и на гостински терен, играат за гол повеќе и до крај не се предаваат. Кој ли веруваше дека Македонија ЃП може да се вклучи во трката за шампионската титула. Со одлична селекција и успешни совети од клупата, Жикица Тасевски неколкукратно го подигна нивото на составот на Македонија ЃП.            
            
РЕЗЕРВИ

РИСТЕ ЈАНКОВ (РАБОТНИЧКИ)

БЕСАРТ КРИВАЊЕВА (ШКУПИ)

ЈАН КРИВАК (ШКЕНДИЈА)

ГОРАН СИЛЈАНОВСКИ (РАБОТНИЧКИ)

ИЛИРИД АДЕМИ (ШКУПИ)

ДАРКО МИЦЕВСКИ (ВАРДАР)

ЃОРЃИ СТОИЛОВ (АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ)

МАРЈАН РИСТОВСКИ (БОРЕЦ)

ЈОВАН ПОПЗЛАТАНОВ (ВАРДАР)

БЕСАР ИСЕНИ (ШКУПИ) 

КАЛИД АБДУЛ БАСИТ (МАКЕДОНИЈА ЃП)


G-G32VEZ5NYJ