ИН МЕМОРИАМ: Диего Марадона - Златното момче со брзоплет јазик (2)

Диего Армандо Марадона се роди на 30 октомври 1960 година, како петто од осумте деца во едно сиромашно семејство во периферијата на Буенос Аирес. Фудбалот од најмали нозе беше неговото секојдневие, како и сите сиромашни деца, поголемиот дел од времето го минуваше на улица трчајќи по топката. Неговите врсници се воодушевуваа на неговата чудесна способност за контролирање на фудбалската топка и му го доделија прекарот „ El pibe de oro“, или Златното момче. Оваа негова карактеристика го следеше до последен ден, со таа разлика што на прекарот има додавка, Златното момче со брзоплет јазик. 



Својата долгогодишна вереница Клаудија Вилафан ја ожени во ноември 1989 година во Буенос Аирес откако со неа доби две ќерки, Далма (1987) и Џанина (1989). Во својата автобиографија, Марадона признава дека не и бил секогаш верен на Клаудија, но сепак е таа љубовта на неговиот живот. Се разведоа во 2004 година. Во една прилика неговата ќерка Далма изјави дека разводот е најдобро решение за сите, особено откако нејзините родители останале во пријателска врска и по разделбата. Дури Диего и Клаудија одеа и на заеднички патувања.  Во текот на разводот Диего го призна татковството над Диего Синагра, роден во 1986 година во Неапол. Признанието дојде откако тој одби да даде крв за ДНК анализа по барањето на мајката на детето Кристијана Синагра, со која тој имал љубовна врска во деновите минати во Неапол. 



Првите знаци на емотивната стабилност и слабост на Марадона се појавија на Светското првенство во Италија 1990 година, кога Аргентина во финалето загуби од Германија и тоа со гол од пенал. Никој не очекуваше големиот фудбалер да почне да плаче и непрестајно да повторува „Завера, завера, победи мафијата“. 

Една година подоцна неговите резултати на антидопинг контролата беа позитивни, па беше дисквалификуван на 15 месеци. Следеа бескрајни анализирања на случајот на Марадона, а потоа се редеа скандал после скандал. Не беше доволно обвинението за допинг, па на сцената се појави и „белиот демон“, кокаинот, за кој се зборува дека Марадона ревносно го користел. И кога се мислеше дека приказната за шампионот ќе заврши тажно, дојде повикот за настап на Светското првенство во САД 1994 година. Навивачите на Марадона, како и целкиот фудбалски свет, се понадеваа дека шампионот конечно ќе успее да излезе од својот мрачен тунел и дека ќе се врати во онаа своја стара препознатлива форма. Но, во неговата крв повторно беше пронајден „ефедрин“, супстанца забранета од страна на ФИФА.   



Цела Аргентина беше во шок, а играчите ја изгубија силата и мотивацијата. Беа елиминирани веќе во осминафиналето. А,. Марадона, неспособен да каже било што во своја одбрана, ги повторуваше истите зборови како и претходно, дека се работи за завера.  Едно време играше во Севилја и во Бока јуниорс, а потоа ги напушти тренинзите затоа што мораше да ослаби цели 14 килограми. Замина во Буенос Аирес, каде што изнервиран пукаше со воздушна пушка кон новинарите. Во октомври 1994 година, Марадона беше ангажиран како тренер на Депортиво Манди, но тоа траеше само два месеци. Наредната година го тренираше Расинг и по само четири месеци даде отказ, а потоа повторно почна да игра за Бока јуниорс, кога навивачите му приредија незаборавен дочек на стадионот „Бонбоњера“.

Следната година Марадона замина на лечење во една швајцарска клиника. После појавувањето во една забавна емисија на италијанската телевизија речиси сите беа зачудени, затоа што Марадона беше непрепознатлив, дебел и отечен, и некако збунет во оснос на неговите поранешни соиграчи, со мускули и бистри погледи. Во август 1997 година резултати од допинг контролата уште еднаш се покажаа како позитивни и Златното момче на својот 37. роденден јавно објави дека се повлекува од активното играње фудбал. 

Простувањето сепак не значеше и крај за проблемите на Диего Армандо Марадона.  Тој беше навикнат да биде во центарот на вниканието и опкружен од многубројните обожуватели. Не можеше да остане незабележан каде и да се појавеше. Во летувалиштето Пунта дел Есте во Уругвај, во 2000 година Марадона беше примен на одделението за интензивна нега поради висок крвен притисок и аритмија. Полицијата соопшти дека се работело за предозирање со кокаин. Тој во повеќе наврати се лекуваше од зависноста на Куба, речиси четири години мина во здравствениот комплекс во Хавана секојдневно играјќи голф со своите пријатели. Марадона ја имаше огромната поддршка на својот голем пријател Фидел Кастро, а на десната рака го истетовира ликот на Че Гевара. 

Сепак, шампионот успеа да излезе како победник во битката со кокаинот, а после тоа замина и на операција на желудникот, за да го загуби вишокот килограми.                            

На Марадона му се исполни уште една желба, да стане селектор на Аргентина. Не беше толку успешен во својата професија, но на крајот и на ова поле излезе како победник, затоа што и покрај огромните критики од јавноста успеа да ги одведе „гаучосите“ на Светското првенство во Јужна Африка. Нормално, не можеше да им ги прости критиките на новинарите и на навивачите, па на цел глас им порача: Е, сега можете да ми пушите!“. И тоа не беше доволно, па при пристигнувањето во Буенос Аирес, на аеродромот од автобус им симулираше орален секс на навивачите и сите оние кои ја пречекаа аргентинската фудбалска репрезентација. 



Еднаш Диего изјави дека никогаш не се дрогирал за да победи, туку само поради сопствено задоволство, оправдувајќи се дека на многубројните забави му е потребна „една брзина повеќе“. Некогаш за причини ги наведуваше стресниот живот или пак стравот од неуспех. Секогаш умееше да пронајде оправдание. Такви се и последните реченици од неговата биографија „Ел Диего“. 



- Никој не може да ме увери дека дрогата или парите ги измениле моите искрени чувства. Никој. Јас останав ист, личност каква што отсекогаш и бев. Јас сум Марадона. Јас сум Диего.       

 
G-G32VEZ5NYJ