ИН МЕМОРИАМ: Диего Марадона - Златното момче со брзоплет јазик (1)

Диего Армандо Марадона се роди на 30 октомври 1960 година, како петто од осумте деца во едно сиромашно семејство во периферијата на Буенос Аирес. Фудбалот од најмали нозе беше неговото секојдневие, како и сите сиромашни деца, поголемиот дел од времето го минуваше на улица трчајќи по топката. Неговите врсници се воодушевуваа на неговата чудесна способност за контролирање на фудбалската топка и му го доделија прекарот „ El pibe de oro“, или Златното момче. Оваа негова карактеристика го следи и до ден денешен, со таа разлика што на прекарот има додавка, Златното момче со брзоплет јазик. 

Кариерата ја започна во клубот Аргентинос јуниорс, а потоа мина во Бока јуниорс. Диеговото волшепство со топката не можеше да остане незабележано и со само 16 години тој беше повикан во репрезентацијата на Аргентина, прескокнувајќи ги нормалниот тек на настаните кај секој обичен фудбалер.



Меѓутоа, тогашниот селектор на „гаучосите“, Цезар Луис Меноти, одлучи да не го одведе на Светското првенство, мислејќи дека Марадона е се уште премлад за еден таков важен настан. Целата земја се спротивстави на таа негова одлука. Сите, вклучувајќи ги и аргентинските медиуми, мислеа дека Марадона и тоа како е дораснат за да се справи со големиот предизвик. Сепак, патот на Марадона кон успехот никој не можеше да го сопре. На мундијалот во Шпанија 1982 година постигна два незаборавни гол за Аргентина, иако во решавачките моменти на натпреварите против Бразил и против Италија не блескаше (дури беше и исклучен). Веќе тогаш беше јасно дека се раѓа нова легенда, фудбалер толку популарен и обожуван што ќе ја засени и фудбалската величина на легендарниот Пеле. Од Бока јуниорс мина во Барселона за тогаш рекорден трансфер од осум милиони долари.



За жал, во шпанскиот тим во телот на две сезони одигра само 36 натпревари, прво поради хепатитис, а потоа и поради најтешката повреда во кариерата, кога Андони Гоикечеа, одбранбениот фудбалер на Атлетик Билбао (познат по прекарот „Касапот од Билбао“) со груб старт му го скрши глуждот на левата нога, при што беа искинати и лигаментите. 

На теренот се врати за рекордно време, иако се зборува дека токму тогаш Марадона почнал да се дружи со кокаинот. Веројатно најважното случување во животот на Марадона, ако се одземат мундијалите, секако е трансферот во редовите на Наполи.

И покрај многубројните понуди, се сложи да дојде во градот кој го издигна во ранг на недопирлив светец. Се пресели во Неапол, каде Златното момче блесна во својот полн сјај. Наполи му плаќаше седум милиони долари годишно, уште три милиони долари добиваше од италијанската телевизија за зголемување на популарноста на калчото, а дополнителни пет милиони инкасираше и од јапонската компанија „Хитачи“. Тогаш Марадона ја доби својата песна „Марадона е подобар од Пеле“, која навивачите ја пееја на трибините.



Врвот на неговата кариера го доживеа на Светското првенство во Мексико во 1986 година, кога Аргентина по вторпат ја освои светската круна. Постигна пет гола, асистираше за уште толку, и секако, беше прогласен за најдобар фудбалер на мундијалот. Тогаш, на четвртфиналната средба против Англија постигна гол кој и денеска се памети како „божја рака“. Меѓутоа, после се покажа дека тоа не била Божја рака, туку Диеговата рака.  Тој погодок од страна на жири составено од најеминентни фудбалски стручњаци е прогласен за најубав во историјата на фудбалската игра.  

После тој успех, Марадона го одведе на самиот врв на европскиот фудбал и својот тим Наполи, освои две национални првенства на Италија, го освои Купот на Италија, Супер купот и Купот на УЕФА. 


G-G32VEZ5NYJ