ВТОРА ЛИГА ИСТОК: Брегалница експресно го преслуша Кожуф, Тиквеш се помачи со Осогово

Брегалница го чува врвот во Втората лига Исток откако оствари убедлив триумф на дербито против Кожуф од 3-0. Штипјани целата работа ја завршија уште во првото полувреме.

Напаѓачот Андреј Кудијан донесе водство за Брегалница во 22 минута, а пред крајот на првиот дел се случи нова гол-експлозија. КУдијан уште еднаш ја затресе противничката мрежа во 43 минута, а две минути подоцна Љупче Кудев зголеми на убедливи 3-0.

Тиквеш го совлада Осогово  со 3-1. Јорданчо Наумоски беше стрелец на водечкиот погодок за Тиквеш во 26. минута, но Тоше Манов брзо возврати и го врати Осогово во игра.

Сепак, во вториот дел кавадарчани стигнаа до планираната победа. Ристе Темелков беше стрелец на вториот гол, а во финиш погоди и Александар Мишов.

Кит-Го го совлада Росоман со 3-0. Владимир Дујовски и Тони Мичковски донесоа водство за домашниот тим, потоа Росоман остана со десетмина поради исклучувањето на Бранко Андонов, а Бошко Ступиќ го постигна третиот гол.

Каменица Саса славеше на гости против Победа со 1-2. Домаќинот поведе по само пет минути преку Антонио Бошески, но Сашо Дуков и Дејан Маркоски се погрижија за пресврт со головите во 15. и во 17. минута.
 
Слога Виница ја совлада Плачковица со 3-0. Пановски беше стрелец на два гола, а погоди и Бујчевски.