Столе Димитриевски: Македонија е победник со пламанот на ЕП, Пандев заслужи ова да му се случи

Фудбалската репрезентација на Македонија е сензација во европски рамки, со првиот историски пласман на Европско првенство. Се уште одекнува огромниот успех низ Европа, а македонските репрезентативци откриваат детаљи од финалниот плејоф меч против Грузија во Тбилиси. 

Голманот Столе Димитриевски вели дека пред мечот сите зборувале како би било идеално капитенот Горан Пандев да го постигне победничкиот гол. И така се случи...

„Пред мечот зборувавме дека идеално би биле за сите нас да победиме и голот за победа да го постигне Горан. Тој даде многу за македонскиот фудбал, има неверојатна кариера, речиси две децении е во репрезентацијата. Беше пред одлука да се пензионира минатата година, но сакаше да се обиде за крај да оствари и голем успех на репрезентативен план. Тој дефинитивно го заслужи се ова што му се случува“, вели Столе Димитриевски.

Македонија е во група со Австрија, Украина и со Холандија на Европското првенство. Столе Димитриевски потенцира дека нашиот национален тим уште отсега е победник. 

„Што и да се случува на Европското првенство, ние сме победници. Знаеме дека имаме квалитет да се надигруваме со секого. Сигурно нема да чувствуваме притисок, а се надеваме дека ќе им направиме многу проблеми на ривалите во групата“, изјави Димитриевски.