Несторовски за огромниот успех: Не сум ни сонувал дека со Македонија ќе играм на Европско првенство

Пишува: Никола Ѓуровски

Поминаа неколку дена, еуфоријата полека стивнува, а огромниот успех на Македонија уште повеќе добива на тежина. Фудбалската репрезентација ќе биде дел од Европското првенство следната година, тоа со оглед на конкуренцијата, квалитетот и значењето на фудбалот во светскиот спортски поредок е дефинитивно најголемиот успех што го направила Македонија во колективните спортови. 

Напаѓачот на Удинезе, Илија Несторовски, за МАКФУДБАЛ.МК искрено вели дека не ни помислувал пред 5-6 години дека би можел со Македонија да игра на Европско првенство. 

„Искрено, тоа го кажувавме на смеа, во некој шеговит разговор. Никогаш не сум помислил дека Македонија може да стигне до овие височини и да биде дел од Европско првенство. Знаете и самите добро, имавме лоши резултати, бевме во „дупка“, навивачите не исвиркуваа на домашен терен, атмосферата не беше убава. За среќа, со напорна работа и вистински пристап, се создаде една прекрасна армосфера за работа во националниот тим, а кога ќе тргнеш по вистинскиот пат - тогаш и ќе стигнеш до целта. Мора да се признае дека со доаѓањето на Игор Ангеловски и враќањето на Горан Пандев целите и приоритетите беа јасно поставени и да, тогаш сите почнавме да веруваме дека Македонија на ЕП може да стане и реалност“, вели Илија Несторовски. 



Тој се враќа во Удинезе и таму ќе биде еден од малкумината кои ќе бидат дел од ЕП. 

„И во Италија сме вистински хит како Македонија. Сензација во европски рамки, за првпат во историјата влегуваме во големото друштво. Во клубот, малкумина ќе сме учесници на Европско, Данецот Јенс Ларсен, Австриецот Себастијан Продл и најверојатно капитенот Кевин Лазања ако добие повик во репрезентацијата на Италија. И горд сум што и јас сум ете во одбраното друштво“, истакнува Нестор-гол.

Далеку е Европско, има уште 7 месеци до стартот, но противниците се знаат, Австрија, Украина и Холандија.

„Ги респектираме, сите тие се силни селекции, но и не се непобедливи. Македонија покажа дека може да игра против Австрија. Да, загубивме двапати, но видовме дека и можеме да се надигруваме. На еден натпревар и тоа со огромни мотиви на Европско првенство, мислам дека имаме свои шанси. Истото важи и за дуелите со Украина и со Холандија. Сега имаме максимална верба во нашите квалитети, пукаме од самодоверба. Со добри подготовки и дај боже да бидеме сите здрави, Македонија ќе има што да каже и на Европското првенство“, потенцира Илија Несторовски. 

Дотогаш, враќање во Италија и докажување во Серија А во дресот на Удинезе. Головите се негова задача и во црно-белиот дрес на Удинезе и во црвено-жолтиот дрес на Македонија.