Пандев им кажа на Италијанците: Годините се само бројка, со срце и со желба се оди на ЕП!

Фудбалска Македонија е хит во Европа, а посебно е тоа потенцирано во Италија каде две децении настапува Горан Пандев, а имаме и уште двајца интернационалци во Серија А, Илија Несторовски и Елиф Елмас. Капитенот Пандев се врати во Џенова и вели дека е многу среќен затоа што мисијата е остварена, сонот на Македонците стана реалност. 

„Среќни сме сите, Македонија го оствари дамнешниот сон, да учествува на Европско првенство во фудбал. За нашата земја тоа е огромна работа. Не сум јас херојот, сите заедно го остваривме сонот, има една фантастична група на фудбалери кои макотрпно работеа пет години заедно со селекторот за ова цел“, изјави Пандев. 

Тој на 38 години ќе игра на ЕП, ја доживува втората фудбалска младост. Италијанците се чудат од каде му е силата.

„Годините се само бројка, пласман на Европско се остварува со срце на терен и со огромна желба и залагање на секој натпревар. Тоа Македонија го имаше и затоа успеа“, потенцира Пандев кој се приклучува во работата со Џенова.

Следната мисија е клубот да обезбеди опстанок во Серија А.