МАКФУДБАЛ - ТИМ НА 10.КОЛО !

Работнички одигра храбро на гостувањето против Шкендија и го сопре победничкиот чекор на лидерот, Шкупи се израмни бодовно со тетовскиот тим на врвот, Вардар испушти победа во последен миг, исто како и Струга Трим Лум на гостувањето во Битола. 

МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим на 10. коло од сезоната 2020/2021 во Првата македонска фудбалска лига:

1. РИСТО ЈАНКОВ (РАБОТНИЧКИ)
Бранеше одлично на голот на Работнички, фудбалерите на Шкендија имаа четири стопроцентни шанси, но тој брилјираше со неверојатни интервенции. 

2. ФИЛИП МИШЕВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Одличен во дефанзивните задачи, а успеа да стигне и во навалниот ред и да постигне погодок за „лавовите“. 

3. БЕСАРТ КРИВАЊЕВА (ШКУПИ)
Израснува во одличен дефанзивец, беспрекорно ја заврши работата пред сопствениот шеснаесетник, влева дополнителна сигурност во комплетната одбрана на Шкупи.

4. БРАНИСЛАВ ТРАЈКОВИЌ (РАБОТНИЧКИ)
На свои плеќи изнесе голем дел од товарот во одбраната на Работнички, имаше безброј воздушни интервенции, носи дополнително искуство во последната линија на „романтичарите“.

5. СТЕФАН СУЛЕВ (БЕЛАСИЦА)
Беласица се мачи на дното по враќањето во елитата, но успеа да го освои вториот бод во ремито со Борец дома. Стефан Сулев беше стрелец на вториот погодок за струмичани, борбен и храбар во средниот ред, многу работи во играта на тимот зависат токму од него. 

6. СТЕФАН ЈЕВТОСКИ (РАБОТНИЧКИ)
Освои многу топки во средниот ред, прекина многу напади на Шкендија, но истовремено имаше сила и концентрација да ги држи конците во играта на Работнички. Одигра одличен меч во Тетово. 

7. ГОРАН СИЛЈАНОВСКИ (РАБОТНИЧКИ)
Неуморен и во одбраната и во нападот, капитенски го водеше Работнички против Шкендија. Беше асистент на израмнувачкиот погодок за својот тим. 

8 НИЈАС ЛЕНА (СТРУГА ТРИМ ЛУМ)
Тој е „моторот“ на Струга Трим Лум, поседува и неверојатни индивидуални квалитети, ги демонстрираше со фантастично изведен слободен удар и гол од преку 30 метри.

9. ЛУКА СТАНКОВСКИ (РАБОТНИЧКИ)
Младиот играч за врска на Работнички прераснува во играч од елитна класа. Завидна техника, огромен радиус на движење, одличен преглед на играта, но и што е најважно - ефикасен реализатор на шансите. Тој го постигна израмнувачкиот погодок за Работнички за реми во Тетово. 

10. БЕСАР ИСЕНИ (ШКУПИ)
Меч-мејкер за Шкупи на дуелот со Силекс. Во натпревар со еден погодок, Исени ја искористи грешката на противничката одбрана и донесе три бода со кои тимот од Чаир се израмни на врвот со Шкендија.

11. АРБИ ВОША (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Беше перманентна опасност за голот на Академија Пандев. Уште на стартот постигна прекрасен погодок кој конкурираше за најдобар во десеттото коло. Одлично се движеше, асистираше, ги мачеше противничките дефанзивци.


ТРЕНЕР НА КОЛОТО  - РАТКО ДОСТАНИЌ (РАБОТНИЧКИ)

Ако извлечете реми против Шкендија во Тетово, а тимот воопшто не е инфериорен, туку напротив, може да жали и зошто не победил, тогаш јасно е дека Ратко Достаниж одлично ја заврши работата во надмудрувањето со Ернест Ѓока.