Шкендија го декласира Вардар на арената во Скопје (ВИДЕО)

Вардар поведе рано, но потоа лошо помина на дербито против Шкендија на арената „Тодор Проески“. Тимот на Ернест Ѓока на крајот славеше убедливо со 1-5 и се зацврсти на првата позиција на табелата со 21 бод по девет одиграни кола. 

Јован Попзлатанов во 11.минута донесе водство за Вардар. За момент сите помислија дека дербито повторно ќе биде интересно и неизвесно. Но, Шкендија не мислеше така. 

Само четири минути подоцна Флорент Рамадани со одличен шут од 16 метри ја погоди мрежата на Филип Илиќ, а Валон Ахмеди, пред полувремето, во 40.минута, се погрижи за целосен пресврт.

Во вториот дел, Шкендија искусно го чуваше водството, но и го надгради за да му нанесе комплетен дебакл на Вардар. Бесарт Ибраими во 61.минута зголеми на 1-3, во 81.минута Тотре стрелаше за четврти гол, а Валон Ахмеди од пенал во 86.минута ја комплетираше „петардата“ на Шкендија.