Македонија не потклекна и со играч помалку: Алиоски од пенал донесе реми против Грузијците

Фудбалската репрезентација на Македонија успеа да извлече реми (1-1) против Грузија во Скопје и ги задржа шансите за освојување на првото место во групата од Лигата Ц. Со играч помалку, по исклучувањето на Столе Димитриевски, израмни Езгјан Алиоски од пенал во 93.минута, откако Ѓоко Зајков се избори за удар од белата точка. Претходно, Квича Кварацкелија во 75.минута ја донеде Грузија во водство.  

Клучен момент на мечот беше исклучувањето на Столе Димитриевски во 68.минута, кога непотребно истрча надвор од шеснаесетникот и несмасно играше со рака. Доби директен црвен картон. Само седум минути подоцна Квича Кварацкелија по извонредна соло акција постигна водечки погодок. Но, Македонија до крајот одигра храбро, селекторот Игор Ангеловски внесе свежи напаѓачи, а на крајот тоа се исплатеше.    

Дарко Велковски и Горан Пандев се заканија сериозно кон голот на Грузијците во првиот дел, капитенот со удар со глава за малку беше непрецизен, а можеше да донесе водство во 42.минута. 

На стартот на вториот дел, Даушвили шутираше од 16 метри, но Столе Димитриевски беше на вистинското место. Во 55.минута, Бобан Николов распали од 25 метри, упати силен шут, но Горги Лорија успеа да одбрани со спектакуларна интервенција. 

Од 68.минута Македонија остана со играч помалку. Столе Димитриевски играше со рака надвор од шеснаесетникот и заработи директен црвен картон. Теренот го напушти Илија Несторовски, а на голот застана Дамјан Шишковски. 

Само две минути подоцна, Мика Качарава го погоди дирекот од нашиот гол. Тоа беше најава за водството на Грузија. Во 75.минута, Квича Кварацкелија продре по левата страна, ги нанижа Николов и Костадинов, и откосо со фантастичен удар ја погоди мрежата на Шишковски. 

Македонскиот голман одлично реагираше во следната акција, при шутот на Качарава, а на крајот со играч помалку нашиот национален тим успеа да израмни со голот од пенал на Алиоски.

Најважното допрва претстои. Македонија на 12.ноември ќе гостува во Тбилиси, во финалето од плејофот за пласман на Европското првенство. Тој меч против Грузија ќе биде многу, многу поважен.