Седум репрезентативки позитивни на коронавирус

Женската фудбалска репрезентација на Македонија ќе мора да излезе со значително изменет состав на утрешниот квалификациски дуел против големиот фаворит Франција, откако при последните тестирања за Covid-19 дури седум фудбалерки се позитивни на коронавирус. Станува збор за две фудбалерки на Каменица Саса и пет на Тиверија, кои не покажуваат симптоми на болеста и се наоѓаат во самоизолација.

Составот на македонската женска репрезентација заедно со стручниот штаб и луѓето кои се вклучени во работата на селекцијата пред почеток на подготовките за натпреварот со Франција имаа тестирање за присуство на вирусот Ковид-19. Сите членови на тимот беа во изолација и немаа меѓусебен контакт до добивањето на резултатите од новото тестирање. Резултатите од вториот тест за присуство на вирусот Ковид-19 се негативни за сите репрезентативки и членови на женската репрезентација.

Селекторот на репрезентацијата, Кирил Изов беше принуден да прави дополнување на играчкиот кадар за натпреварот со Франција. Предводникот на женската репрезентација дополнително ги повика Сара Коларовска (ЖФК Скопје 2014), Афродита Салихи (ЖФК Скопје 2014), Драгана Гегова (ЖФК Скопје 2014), Елена Петровска (ЖФК Скопје 2014), Сара Хусеин (ЖФК СЦ Истатов) и Ана Милчевска (ЖФК СЦ Истатов).

Натпреварот меѓу Македонија и Франција се игра утре на Националната арена „Тодор Проески“ во 21:00 часот.