МАКФУДБАЛ - Тим на 24. коло во Втората лига!

Струга Трим Лум си го обезбеди пласманот во Првата лига од следната сезона дури на три кола до крајот на првенството. Ремито на гостувањето против Пелистер повеќе од доволно за промоција. На Истокот, пак, блиску до промоција во Прва лига е и велешки Борец кој во ова коло ремизираше без голови на дербито против Кит Го во Пехчево.

МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим на 24. коло од двете второлигашки конкуренции...

1. МИКИЦА ЃОРГИЕВСКИ (БОРЕЦ)

Одличен на голот на велешани, еден од најзаслужните за празната мрежа на својот тим. Извонредно интервенираше во неколку наврати при шансите на домашните на дуелот против Кит Го во Пехчево.

2. БОЈАН РАЈКОВ (БРЕГАЛНИЦА)

Квалитетна партија на десниот бек на штипјани кои ремизираа без голови со Тиквеш. Одличен во одбраната, постојано активен и во офанзивните акции.

3. МЕТОДИЈА ДЕЛОВ (ТИКВЕШ)

Цврст, сигурен во дефанзивата на кавадарчани кои се изборија за реми од Штип што за нив во голема мера може да значи осигурувања на втората позиција.

4. ЛЕОН НАЈДОВСКИ (ТЕТЕКС)

Тетекс до крајот го очекува тешка битка за опстанок во второлигашката конкуренција. На тој пат значајна победа против Кораби за што сериозна заслуга има и одбраната која успеа да го зачува својот гол.

5. БЛАГОЈА ЉАМЧЕВСКИ (ПЕЛИСТЕР)

Нова квалитетна партија на искусниот Љамчевски кој е лидер во составот на „пелистерци“.

6. ИВАН КОЛЕВ (КИТ ГО)

Одличен во средниот ред на својот тим, максимално сигурен во дефанзивните задачи но и апсолутно активен во нападот. Имаше и убава шанса за постигнување погодок на мечот.

7. МАРТИН СТОЈАНОВ (КИТ ГО)

Уште една одлична претстава на еден од најперспективните македонски фудбалери. Младиот крилен офанзивец на пехчевци имаше и неколку одлични акции за погодок, но гостите успеаја да се одбранат на дуелот со велешки Борец.

8. МИРЧЕ ПОПОВ (КОЖУФ)

Двигателот на играта на гевгеличани. Повторно еден од најзабележителните овој пат и со погодок во триумфот над Детонит јуниор.

9. ИЛБЕР АЛИЛИ (ГОСТИВАР)

Најдобриот на теренот на дербито од Западот меѓу Гостивар и Лабуништа. Двоен стрелец за својот тим во ремито (2-2), од кој еден погодок вистинско ремек-дело.

10. ИГОР КЛЕЧКАРОСКИ (ЛАБУНИШТА)

Еден од најзаслужните за ремито на Лабуништа. Постигна прекрасен погодок директно од слободен удар кој значеше останување во игра за позитивен резултат по водството на гостиварци.

11. ДЕЈАН ЦВЕТАНОСКИ (СТРУГА ТЛ)

Стрелец на единствениот гол за стружани на гостувањето против Пелистер, доволен за реми и бод кој донесе пласман на Струга Трим Лум во Првата македонска фудбалска лига од следната сезона.


ТРЕНЕР НА КОЛОТО: ЈЕТОН БЕЌИРИ (СТРУГА ТЛ)

По неубедливиот старт на пролетниот дел од сезоната, на извонреден начин ја темпираше формата на својот тим кој сега убедливо, на три кола пред крајот на шампионатот, обезбеди пласман во Првата лига. Беќири создаде препознатлива игра на стружани кои доминираа со своите изданија на Западот. Ремито од Битола сосема доволно за промоција.

Поврзани вести

Промовирај се

Пополнете ја оваа форма за пријава во која доброволно внесените податоци ќе ви помогнат да се претставите и да бидете препознаени од квалитетен клуб.
Џеват Елмас: За иднината на Елиф ќе одлучиме заедно со Фенербахче
24.05.2019
Во врска со големиот медиумски интерес околу можниот трансфер на Елиф Елмас и многуте шпекулации во јавноста, за првпат во јавноста, во официјален разговор за МАКФУДБАЛ се огласи неговиот татко и официјален агент г-дин Џеват Елмас.
Види детали